Што е е-Спорт?

Е-Спорт е еден вид на спортско натпреварување за кое се користат видео-игри. Најчесто, е-спортовите имаат облик на организирано натпреварување во кое учествуваат повеќе играчи, кои формираат екипи и се натпреваруваат на професионално ниво.

Иако организираните натпреварувања во видео-игри се долго време на сцената, сепак најголемиот пораст е-спортот го доживува во период од 2000 до 2010 година, кога популарните игри привлекуваат огромна публика, која во моментов брои повеќе од 500 милиони луѓе ширум светот, а аналитичарите најавуваат уште поголем пораст на интересот во годините кои ни доаѓаат.

Популарни видео-игри кои се застапени во светот и се актуелните кај професионалните играчи и аматерите се League of Legends, Dota, Counter-Strike, Fortnite, Overwatch, Street Fighter, Star Craft, Call of Duty, Valorant, FIFA и многу други.

Е-Спортот, исто така, е брзо растечка индустрија, која минатата година имаше приход од 1,1 милијарда долари, а до 2022 година се очекува пораст до неверојатни 1,79 милијарди долари, а трендот на пораст се очекува и во иднина. Во овие бројки се вклучени медиумските права, продажба на билети, реклами, спонзори и останати награди кои се добиваат со учество на турнирите.

Историјата на е-Спортот почнува пред речиси 50 години, кога бил одржан првиот турнир во видео-игри на 19 октомври 1972 година на Стенфорд Универзитетот, а тогаш натпреварувачите се бореле во Spacewar. Студентите биле повикани на „Intergalactic spacewar Olympics“, чија главна награда била годишна претплата за Rolling Stone.

Голем раст видео-игрите доживуваат и во период од 1990 до 1999 година, кога луѓето добиваат интернет конекција, а се развиваат и голем број видео-игри. Голем број е-Спорт турнири биле одржани пред крајот на 20 век, а исто така било организирано и Светско првенство во Нинтендо во 1990 година, а финалето е одржано во Универзал Студио Холивуд, кое се наоѓа во Калифорнија.

Во Јужна Кореја почнува растот на е-Спортот благодареие на масовната изградба на широкопојасниот интернет по азиската финансиска криза во 1997 година. Како минуваа годините, така е-Спортот стануваше интересен за луѓето ширум светот.  Во 2000 година беа организирани околу 10 турнири, по што само 10 години подоцна бројката порасна на 260 и таа сега е многу поголема, а многу успешни турнири се организирани во тој период, како што се World Cyber Games, Intel Extreme Masters и Major League Gaming.

Турнирите во е-Спорт набрзо почнуваат да се емитуваат и на телевизија, како и останати платформи, а модерниот е-спорт доживува вистински „бум“ со организирањето на Wii Games Summer 2010, кој траеше повеќе од еден месец и имаше повеќе од 400.000 учесници, а притоа го прави и најскапиот турнир кој компанијата Нинтендо го одржала во историјата.

Многумина можеби ги оспоруваат видео-игрите како е-Спорт, но реалноста е сосема поинаква. Иако е-Спортот не е како останатите традиционални спортови, како што се фудбал, кошарка, ракомет и други, сепак тој бара внимателно планирање, одличен тајминг и искусни одлуки за да се добие некоја борба. Исто така, е-Спортот инволвира физички тренинг, па многумина го класифицираат во категорија како што е шахот.

Ние ќе ви ги претставиме најпопуларните е-Спортови во светот, кои полека, но сигурно го освојуваат и македонското тло, а тоа се видео-игрите како Dota 2, League of Legends, Counter Strike: Global Offensive, Star Craft, Valorant и многу други.